Печалбарство
Првите наши имигранти во САД се декларирале како Македонци
Околу 15.000 луѓе што влегле во Америка во периодот од 1895 до 1925 година се изјасниле како Македонци
Душан Синадиноски
Досиејата за раната македонска имиграција во САД во почетокот на 20 век се од најголема важност за потврдување на поддршката на македонскиот етнички идентитет. Меѓутоа, исто така, тие и' служат на
друга неверојатна корисна цел: одбивање на нападите против македонскиот ентитет извршени од Грција и од Бугарија. Познавајќи ја виталната важност што овие досиеја ќе ја има врз голем број сегашни
дебати и прашања во врска со македонскиот идентитет, некој може само да се прашува како е возможно такво богатство од информации да остане непознато и во основа неискористено. Со едноставен поглед на
досиејата се откриваат неверојатни откритија кои би можеле да ги уништат тврдењата на противниците дека македонскиот етнички идентитет е понова креација.
Врз основа на досиејата на Американската агенција за имиграција и натурализација, околу 15.000 луѓе што влегле во САД во периодот од 1895 до 1925 година се изјасниле како Македонци, иако во тоа време
не постоела државата Македонија. Постоењето одделен и посебен македонски етнички идентитет се' уште се негира од Грција и од Бугарија (две балкански земји кои се членки на ЕУ, но се' уште се наоѓаат
во балканскиот етноцентризам од 19 век), кои тврдат дека македонската држава и Македонците не се резултат на долг и историски докажан процес, туку на понов акт на креација од Сталин и Тито за време
на Втората светска војна. Ако овој аргумент е вистинит, тогаш се соочуваме со парадокс: како е возможно и порано релативно голем број луѓе да се изјаснуваат како Македонци ако Грција и Бугарија
тврдат дека постоењето на Македонците е од понова историја?
Многу е тешко да се утврди точниот број на Македонци што имигрирале во САД од голем број причини. Главната причина е тоа што Македонија стана независна држава дури во 1991 година, по распадот на
Југославија. Низ вековите, особено во модерно време, Македонија беше или дел од Турската Империја како целина или по балканските војни беше поделена меѓу Грција, Бугарија, Србија, а по 1945 година во
состав на Југославија. Затоа голем број Македонци кои имигрираа ги имаа пасошите од овие земји и се идентификуваа како државјани од Грција, Бугарија или Србија, а подоцна Југославија. Способноста да
се утврди точниот број Македонци-имигранти во Америка е дополнително комплицирана од фактот дека имаше недостаток на забележани и верификувани стандардизирани податоци во гореспоменатите земји за
имигрантите што ги носеа тие со себе за цел на идентификација. Ако и постоеја некои такви досиеја, мала е веројатноста дека во нив ќе се забележеа информации како што се датум и место на раѓање, име
и презиме, сегашно живеалиште, ентитет или националност, пол или занимање. Разбирливо е да се претпостави дека голем број македонски имигранти можеби го навеле името на својата земја на потекло како
нивни етнички идентитет (без разлика која земја ја окупирала Македонија во тој одреден историски период). Исто така, постои веројатност дека Македонците како и другите етнички групи можеби не правеле
разлика меѓу концептот за националност и ентитет, бидејќи и двата се релативно понови за домородното население на Македонија. Меѓутоа, многумина Македонци, и покрај сите непријатности во
предвечерието на новите и жестоки обиди за задушување на нивниот етнички идентитет и националност, се изјаснуваа како Македонци при пристигнувањето во САД.
Податоците подолу (кои се добиени од досиејата на Американската агенција за имиграција и натурализација како и копии од националните архиви и администрација (МАРА)) покажуваат голем број патници кои
влегле во различни пристаништа на САД и се изјасниле како Македонци:
Запрепастувачки изгледа откривањето дека 14.737 патници се изјасниле како Македонци во време кога македонскиот етнички идентитет и македонската држава не биле официјално признати (Југославија ги
признава Македонците како народ, меѓутоа, во југословенските пасоши немало графа за националност. Она што е значајно е дека овие имигранти по сопствено убедување се изјаснувале како Македонци при
пристигнувањето во САД. Нема сомневање дека овие луѓе не само што се чувствувале поинаку од Грците, Србите, Бугарите и Турците, туку исто така мора да се чувствувале дека припаѓаат на единствена
етничка група што тие ја идентификувале како Македонци.
Овие Македонци недвосмислено и јасно им говорат на оние кои се' уште се противат на македонскиот етнички идентитет и кои наведуваат дека модерните Македонци се производ на халуцинациите на Сталин и
на Тито. Оттука аргументот дека модерната држава Република Македонија и македонската етничка националност не се историска туку политичка „креација“ не може да објасни како овие луѓе одненадеж и
магично „станаа“ Македонци при пристигнувањето во САД.
Друга многу важна серија информации содржани во досиејата на Американската агенција за имиграција и натурализација во врска со раната македонска имиграција во САД индицира дека тие навеле различни
земји како земја на потекло: од Турција - 4.979, Грција - 906, Македонија - 4.194, Бугарија – 267. Албанија – 5 и Србија – 188. Овде јасно е покажано дека најголем број од македонските имигранти, или
поточно 4.979 Македонци, ја посочиле Турција како своја земја на потекло. Ова е поради тоа што пред балканските војни во 1913 година, цела Македонија и' припаѓала на Турција. Меѓутоа, она што
навистина боде очи е дека речиси еднаков број Македонци ја посочиле Македонија како своја земја на потекло, иако таа не беше држава. Она што ги боде шовинистичките очи на Грците и на Бугарите е како
така мал број Македонци ги посочиле Грција или Бугарија како свои земји на потекло.
Меѓутоа, сите имигранти што ја посочија Македонија како своја земја на потекло не се изјаснија како Македонци. Освен 14.737 Македонци, многу други имигранти од Македонија се изјаснија како Грци -
13.199, Турци - 1.083. Бугари - 3.594, Срби – 13 и Албанци – 331. Одовде се забележува дека најголем број од нив се идентификувале како Грци. Забележителен број, исто така, се изјасниле како Бугари и
Турци. Големиот број Грци од Македонија може да се објасни главно со фактот дека имало голем број Грци што живееле во Егејскиот дел на Македонија. Некои Македонци веќе биле преобратени во Грци.
Меѓутоа, она што овие бројки не ни го кажуваат е дали сите овие имигранти биле Грци, Турци или Бугари или дали тие, едноставно, го избрале најлесниот начин за да стигнат до бреговите на САД.
Меѓутоа, за посоодветно да се разјасни за вистинската националност, потребно е дополнително истражување на други релевантни податоци, како што се место на раѓање, име и презиме, јазик што тие го
говорат, обичаи што ги практикуваат итн. На пример, податоците покажуваат дека некои луѓе се изјасниле како Турци, иако нивните имиња биле христијански или словенски. Меѓутоа, исто така, фер е да се
претпостави дека имало голем број имигранти од Македонија од различни националности, бидејќи Македонија, всушност, во вистинска смисла на зборот била мултиетничка држава пред нејзината поделба меѓу
Грција, Бугарија и Србија.
Сликата за македонските имигранти од Македонија и соседните земји почнува да изгледа многу поинаку по Првата светска војна. Кога балканските земји почнаа да излегуваат од уништувањето на Првата
светска војна и да ја преземаат иднината во сопствени раце, исто така, тие почнаа да го разгоруваат својот национализам со интензивирање на напорите за уништување на македонскиот етнички идентитет.
Така, веднаш штом Македонија исчезна од картата на Балканот по Првата светска војна, тоа се случи и со Македонците. Како што можеме да забележиме, бројот на Македонци што доаѓаат од Грција нагло паѓа
додека тие во целост не исчезнаа од 30-тите години, па наваму. Следните податоци го покажуваат бројот на македонски имигранти во САД кои доаѓаат од Грција и јасно ја претставува судбината на
Македонците во Грција: во периодот од 1890 до 1910 како Македонци се изјасниле 205, од 1911 до 1930 најмногу 694, од 1931 до 1950 само 16, а од 1951досега ниту еден.
Бидејќи цела Македонија беше под Отоманската Империја пред 1910 година, голема е веројатноста дека 205-те македонски имигранти за време на овој период, најверојатно, дошле од Грција, инаку во
спротивно тие ќе ја навеле Турција или Македонија како своја земја на потекло. Покрај тоа, исто така, може да се забележи дека голем број македонски имигранти од Грција дошле во периодот меѓу 1911 и
1930. Меѓутоа, мнозинството од 694 имигранти доаѓаат пред 1925 година. Попрецизно, 557 Македонци доаѓаат во периодот од 1911 и 1925 година. Меѓутоа, еве што е она што навистина вознемирува во врска
со овие бројки: што им се случи на Македонците во Грција по 1930, кога знаеме дека најмалку половина од македонската територија остана кај Грците? Возможно ли е дека во делот од Македонија што им
остана на Грците немало Македонци што живееле таму? Или, дали е возможно дека ниту еден Македонец повеќе не ја напуштил Грција и заминал за САД? Или можеби е разбирливо да се претпостави дека целото
македонско население во Грција слободно се асимилирало во грчката култура во следните неколку децении, додека преживуваше како одделен народ со илјадници години! Без разлика кое прашање ќе се
постави, безбедно е да се претпостави дека кога станува збор за ентитетот и практиката на шовинистичката политика во Грција, сите магично стануваат Грци!
Секако, повеќето од информациите во архивите на Агенцијата за имиграција и натурализација се необработени податоци и треба да бидат поддржани и проценети со цел ние да извлечеме некаков значаен
заклучок во врска со раната македонска имиграција во САД. Меѓутоа, дури и овие необработени податоци посочуваат неодржливи негирања на македонскиот етнички идентитет. Присуството на единствениот
македонски етнички идентитет кој доаѓа во САД од Македонија е неспорен. Да се открие од кога потекнуваат Македонците е задача на историчарите, археолозите и други научни истражувачи. Меѓутоа,
очигледно е дека македонскиот народ слободно говори на прагот од својата нова земја што го пречека со раширени раце.
Луѓето кои се запознати со историјата на балканските земји знаат дека на овие простори немаше стандардизирано водење евиденција за население, како раѓања, умирања, имиња на жители итн. Какви досиеја
и да постоеле, тие често биле уништувани за време на многугодишните војни што ги воделе меѓусебно и заедно против странските освојувачи. Преостанатите податоци за Македонците се изманипулирани од
страна на Грција, Бугарија и на Србија преку менување на нивните презимиња, имиња на села и градови, обичаи и други карактеристики што го дефинираат македонскиот ентитет. Значи, од овие причини
американските имиграциони досиеја многу појасно зборуваат кога станува збор за вистинската реалност на македонската националност. На пример, кога ќе се истражат имињата и презимињата на македонските
имигранти, особено забележително е дека тие се типично македонски од христијанско и од словенско потекло, како што се Петре Борис, Анта Божин, Мире Арса, Станко Аврам, Стојан Котев, Милан Диме, Наум
Фотеф, Видоја Синадин, Илија Младен итн. Но, по Првата светска војна, македонските презимиња некако преку ноќ беа променети и добија типично грчки, српски и бугарски завршоци: -ос, -иќ, -ов. Тоа е
само уште едно балканско изменување на македонскиот етнички идентитет.
Во заклучок, овие податоци за раната македонска имиграција немаат цел да бидат доказ за постоење одделен и посебен македонски етнички идентитет. Неколкувековното континуирано постоење на македонскиот
народ на иста територија е факт кој не бара доказ. Но, овие податоци не' снабдуваат со информации за поддржување на мислењето дека грчкото и бугарското тврдење за тоа дека македонскиот народ е
измислен од Сталин и од Тито е глупост. Македонците кои се обидоа да најдат засолниште под факелот на Статуата на слободата што ги пречекува на брегот на САД, јасно и гласно говорат дека се
Македонци. Ова е уште едно сведоштво против грчкиот обид за преименување на македонскиот народ со измислени и навредливи имиња.