ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

Херојската и трагична смрт на овој Mакедонски визионер, организатор и предводник на македонското национално ослободително движење се случила на 4 мај 1903 година во селото Баница.
По смртта, на иницијатива на началникот на серскиот гарнизон Тефиков, била дадена наредба неговото тело да се однесе во серската општина и таму да се погребе.
Но, и од Солун била испратена заповед телото да се врати во селото Баница и Гоце Делчев таму да биде погребан.

Три години подоцна, моштите на Гоце се ископани од страна на неговиот соборец Михаил Чаков и ставени во олтарот на црквата во селото Баница, а во 1917 година тој самоиницијативно ги пренел во Софија.
МАКЕДОНСКИТЕ ЖЕНИ ГО ОПЛАКУВААТ ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

Подоцна, ставени во специјален дрвен резбан саркофаг, на кој била испишана пораката "Го заколнуваме поколението, овие свети коски да се однесат во престолнината на слободна и независна Македонија", ги презела Илинденската организација.
Тогаш саркофагот бил изложен во црквата "Света Недела" во Софија.
Илинденската организација во Софија повеќе од четврт век ги чувала моштите на Гоце, сè до октомври 1946 година.


КОНЕЧНО ДОМА

Така, точно 43 години (1903-1946) по смртта на Гоце Делчев, во заеднички компромисен и толерантен договор, меѓу македонската и бугарската власт во 1946 година, моштите на великанот Гоце Делчев тргнале на патешествие од Софија преку Пиринскиот дел на Македонија кон Скопје.

Конечно на 10 октомври 1946 година престолнината на слободна и независна Македонија ги пречекала земните останки на големиот борец и апостол на слободата на македонскиот народ, Гоце Делчев.

Граѓаните на Скопје и околината достоинствено и со пиетет ги дочекале дрвениот саркофаг и поворката која ги придружувала моштите на великанот Гоце.
"Со положувањето на Гоцевите мошти во оние октомвриски денови во 1946 година, придружувани од тогаш нему достојните воени и граѓански почести, се оствари историскиот аманет на неговите соборци.
Тие мошти вечно да почиваат во престолнината на Македонија.
Од тогаш овој споменик стана македонско светилиште, место на поколение пред споменот на Гоце и на сите Гоцеви знајни и незнајни соборци и македонски страдалници.
Црквата 'Свети Спас' стана негов вечен дом, во кој Гоце заслужено почива, но таа е и храм на ширење на македонските не само духовни, културни, туку и револуционерни традиции", ќе запишат авторите на книгата.

Во светлата и долга македонска историја изложена на воени и културно-цивилизациски влијанија од Исток и од Запад вткаени се животите на многу генерации и на многу дејци од културни и од научни центри, а надареноста на поединци да одржуваат чекор со времето, се одрази врз цивилизациските придобивки на сопствената земја и на светот општо.
Силното чувство на македонскиот патриотизам и свеста за посебноста на македонскиот национален идентитет беше најзначаен влог на револуционерите со особена надареност во поновата македонска историја, кои и покрај јавната верификација на нивните жртви и дела, останаа да ја делат судбината на својот неослободен народ.
Еден од плејадата на никогаш незаборавените македонски револуционери и вечни патоводители на македонскиот народ е големиот Гоце Делчев.


Наслов

 

Македонија

Филм од 1923 година , во времетрање од 10 минути.
Филмот е снимен во стандард техника, без звук, во црно бела техника и 35мм.

Содржина

Идејата за снимање филм и средствата за реализирање на проектот ги дала Илинденската организација, околу која биле собрани прогресивните политички емигранти од Македонија. Организацијата со филмот сакала да ја одбележи 20-годишнината од Илинденското востание.
Филмот е конципиран и реализиран во два дела но, за жал, сочуван е само првиот дел. Филмот е реализиран како визуелен колаж на Македонија и рекапитулација на македонската ослободителна идеја и нејзините најзначајни протагонисти. Дејците на ослободувањето се прикажани со фотографии и кратки информации за нив, пишувани на телопи. Следуваат слики за нивните родни места и градови, пак со кратки описи. Градовите од Пиринска Македонија (Горна Џумаја, Банско, Мехомија-Разлог и Неврокоп) се претставени со филмски снимки. Освен тоа, во почетокот на филмот, среќаваме битови снимки за дебарскиот крај.
Најзначаен дел од филмот се документарните снимки направени на 2 август 1923 година, на коишто е регистрирана процесијата на пренесувањето на саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од куќата на Михаил Чаков кон катедралната црква Света Недела во Софија, каде биле положени за поклонение, а потем погребени. Во филмот, покрај снимките на поворката, која ја сочинувале свештени лица, роднини и пријатели на Гоце Делчев, членови на Илинденската организација и на македонските братства во Бугарија, неколку пати во крупен план е даден саркофагот со моштите на Гоце Делчев, на кого е запишано: „Ги заколнуваме поколенијата што доаѓаат светите коски да бидат погребени во столицата на независна Македонија. Август 1923, Илинден“. Филмот бил неколку пати прикажан, а потоа забранет од бугарската цензура.